Луксузните хотели со пет ѕвездички кои немаат базен, фитнес и спа-центар ќе мора да ги изградат до Нова година бидејќи во спротивно ќе изгубат една или повеќе ѕвездички. Министерството за економија, како што најави, ги заостри условите за категоризација на сместувачките објекти и воведува построги услови за хотелите, кои ќе важат од 1 јануари 2013 година. Во земјава од околу 190 категоризирани хотели во моментов 11 имаат највисока категоризација од пет ѕвездички. Но дел од овие хотели немаат базен ниту имаат спа и фитнес-центар. Иако хотелиерите и туристичките работници бараа подолг рок за да може да ги приспособат објектите на новите услови, Министерството за економија не попушти. Така, луксузните хотели сега имаат помалку од шест месеци да изградат базен и спа-центар, инаку ќе бидат категоризирани како хотели со четири или со помалку ѕвездички.
Луксузните хотели со пет ѕвездички кои немаат базен, фитнес и спа-центар ќе мора да ги изградат до Нова година бидејќи во спротивно ќе изгубат една или повеќе ѕвездички.
Министерството за економија, како што најави, ги заостри условите за категоризација на сместувачките објекти и воведува построги услови за хотелите, кои ќе важат од 1 јануари 2013 година.
Во земјава од околу 190 категоризирани хотели во моментов 11 имаат највисока категоризација од пет ѕвездички. Но дел од овие хотели немаат базен ниту имаат спа и фитнес-центар. Иако хотелиерите и туристичките работници бараа подолг рок за да може да ги приспособат објектите на новите услови, Министерството за економија не попушти. Така, луксузните хотели сега имаат помалку од шест месеци да изградат базен и спа-центар, инаку ќе бидат категоризирани како хотели со четири или со помалку ѕвездички.
- Со новите услови некои објекти ќе изгубат ѕвездички. Не може два хотела со иста категоризација да нудат сосема различни услуги. Анкетите спроведени меѓу странските туристи покажуваат дека тие најголеми забелешки имаат токму во овој дел, односно реагираат дека бројот на ѕвездички што хотелите ги имаат не соодветствува со услугите што ги нудат. Затоа и се заоструваат условите - велат од Министерството за економија.
Според новиот Правилник за условите за категоризација на објектите за вршење угостителска дејност, хотелите со една и со две ѕвездички треба да имаат најмалку 10 соби, тие со три и четири најмалку 15, а луксузните со пет ѕвезди мора да имаат од 20 соби, па нагоре. Секоја соба во сместувачките објекти со три ѕвездички, па нагоре задолжително да има сопствена бања.
Хотелите со три ѕвездички на гостите мора да им нудат најмалку две дополнителни услуги, како што се изнајмување автомобили, поштенски услуги, резервации на карти за кино, театар, спортски натпревари, концерти и слично. Полуксузните хотели треба да нудат најмалку три вакви дополнителни услуги, а највисоко рангираните - четири.
Вработените во полуксузните хотели кои комуницираат со гостите ќе мора да знаат најмалку два странски јазика. Во тие со пет ѕвезди секоја соба треба да има мини-бар, достапен рум-сервис во текот на 24 часа, како и персонал кој постојано ќе биде достапен за чистење на чевлите на гостите и за пренесување на нивниот багаж. Постелнината и крпите во овие хотели треба да се менуваат секој ден, а собите да се чистат по двапати дневно.
Новиот правилник предвидува сите сместувачки објекти, без оглед на бројот на ѕвездички, задолжително да прифаќаат кредитни картички.